Skip to content

Верка – Моторни песни [2010]

24/12/2010

Секој што имал моторна пила во рака, наречена “џага” на делчевски, знае дека со оваа алатка нема зезање. Од мигот кога ќе го повлечете јажето за да стартува дизел-агрегатот што го движи сечилото, што наликува на велосипедски ланец, а е доволно убиствено за со него да се извршуваат масакри во Тексас, не смее да попушти концентрацијата. Инаку, отиде прст, рака, екстремитет или друг дел од телото – свој или на некој во близина. Ако се суди по вториот албум, “Моторни песни”, објавен пред неколку дена, што ќе го промовираат вечерва во “Хавана”, членовите на “Верка” сè уште мајсторски џагаат со својот метал. Со оглед на тоа што поминаа осум години откако го издадоа деби-цедето, многумина сигурно се прашуваа дали бендот има доволно концентрација за да разорува сè пред себе, а не да се распарчи себеси, со моторната пила од музика што ја создаваат. Осумте песни, набиени во 50-ина минути, се најдобриот можен одговор – вештината за “бичкање” колосални трупци од композиции бендот воопшто не ја загубил, туку уште порафинирано ја изделкал.  

А “Моторни песни”, кажано без зрно патетично одушевување од кое не можеме да избегаме кога ќе излезе добар македонски албум, звучи колосално, гигантски, масивно. Тоа е и најзабележителната разлика од претходникот, Jaggah, издаден во 2002 година. Уште по првите неколку секунди, кога во “Панк! Панк! Панк!”, нумерата што го отвора материјалот, ќе почнат да режат гитарите, јасно е дека дрвените трупци од кои “Верка” ги сече песните, сега не се разјадени од црвите на лошата продукција. Талентот за пишување групата го имаше и во 2002, но на првото цеде незаслужено беше смачкан од крајно аматерскиот аудиоквалитет на готовиот продукт. Квартетот ја научил лекцијата и откако си ги зел работите во свои раце, создал албум што одново, речиси од нула, ги измислува како музичко битие. Стегнатоста, што “Верка” пред осум години ја имаше на секоја свирка, а која се разлабави до непрепознавање на деби-дискот, е темел на новиот албум. Нормално не е ова Meshuggah, во Македонија нема буџет, опрема и најважно, студиско знаење некој така да снима.

Сепак, просечната за западни, а натпросечната за овдешни услови, продукција, не го усерува најсуштинскиот елемент на кој било албум – песните. Од нивната моќ, сировост и емоции е одземено незначително малку, што во ниту еден миг не ја нарушува генералната, извонредно, позитивна слика за материјалот. И на ова цеде “Верка” е ритмички метал-состав – гитарата испукува само рифови, а тапаните држат уникатни, најчесто непарни, тактови. Басот има фанк-призвук, а традиционалниот тапан, кларинетот, тарабуката и бендирот внесуваат шмек што ретко се среќава во хеви-жанровите. Кажано најпросто: на крајот од “Црно оро”, “Верка” можете да ја помешате со “Фолтин”, но кога ќе профучи дисторзијата или ќе удри организираниот хаос на тапаните (Далтон пак покажува дека е луд), “Верка” можете да ја помешате исклучиво со неа самата. За тоа не се заслужни само традиционалните елементи. Со “Моторни песни” бендот пак докажува оти е меѓу тие што можат да се избројат со прсти на една рака, а во земјава знаат да свират со невоздржан интензитет и динамика.

Воздржаноста е аспект во кој што се забележува и малата слабост на дискот. На моменти, не се премногу, одредени песни делуваат како да можеле похрабро да бидат скусени. Развлекувањето е незначително, бендот бомбардира со баражи од рифови, досадата не се прикрадува поради тоа, но извесна самоконтрола при спојот на некои нумери, воопшто немала да му штети на цедето. Меѓутоа, тоа се речиси нерелевантни слабости на албум со ваква колосална јачина. Сите песни – буквално – се скоро беспрекорни, а нивниот редослед создава целина каква што во Македонија, ама и во регионов, е реткост за која УНЕСКО можеби треба да подразмисли да ја заштити. “Верка”, такви, или какви било други, покровители не треба да бара. Без разлика што ќе се случи во иднина, членовите на составот од Делчево можат мирно да спијат – со “Моторни песни” си исекоа, сопствено, посебно, место во пантеонот на македонската музика. А сето тоа само затоа што знаат оти и во денешново, современо, дигитализирано и компјутерско време, не е на одмет ако човек може вешто да ракува со џага.

Оцена: 89/100

Артист: Верка
Албум: Моторни песни
Датум на објава: 22 Декември 2010
Продуцент: Евгениј Каревски
Издавач: Верка

Листа на песни:
1. Панк! Панк! Панк! – 3:54
2. New Found Faith – 3:47
3. Црно оро – 5:26
4. Песни – 6:55
5. Ѓерданот – 10:07
6. Огин – 7:13
7. Иднина небиднина – 4:28
8. Такаметера – 13:50

Advertisements
No comments yet

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: